Австрија ја тресе ЕУ пред изборите

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Курц вети „стабилност“ по корупцискиот скандал

Австрискиот конзервативен канцелар Себастијан Курц изјави дека ќе направи сè за да обезбеди стабилност во наредните месеци. Претходно беше објавено дека сите министри од екстремно десничарската Слободарска партија поднесуваат оставка поради корупцискиот скандал што ја потресе земјата, но и ЕУ.

Австриската екстремно десничарска Слободарска партија објави оставка на сите нејзини министри во коалициската влада формирана во декември 2017 година со конзервативците на канцеларот Себастијан Курц.

Станува збор за министрите за надворешни, одбранбени, транспортни и социјални работи.

До ова дојде откако Курц соопшти дека го менува министерот за внатрешни работи Херберт Кикл како последица од скандалот околу компромитирачкото видео со претседателот на Слободарската партија.

Курц изјави дека Кикл ќе мора да ја напушти функцијата за да се обезбеди целосна, транспарентна истрага на скандалот со кој заврши коалицијата што многумина од европската десница ја посочуваа како модел пред клучните избори за Европскиот парламент кон крајот на неделава.

Канцеларот Себастијан Курц изјави дека слободните позиции ќе бидат пополнети со експерти или високи државни службеници сé до изборите што шефот на државата Вар де Белен предложи да се одржат на наесен.

„Ќе сторам сé, заедно со претседателот, да осигурам стабилност во наредните месеци, а ги повикувам и опозициските партии да го дадат својот придонес“.

Сево ова е последица од видео снимката објавена во петокот во германските медиуми, а на која е прикажано како шефот на партијата и заменик канцелар Хајнц Кристијан Штрахе во една вила на шпанскиот остров Ибица ветува владини договори за руски богаташ во замена за финансиска помош во изборната кампања.

Веднаш по објавувањето Штрахе, се повлече од функциите.

Новиот шеф на Слободарската партија Норберт Хофер изрази жалење поради тоа што, како што рече, се распаднал еден ваков голем проект каква што била владата.

„Мислам дека би било можно да продолжам да работам во овој тим. Многу ми е жал, навистина би сакале да направиме многу позитивни работи за оваа земја“.

Скандалот веќе ја разбранува и Европа која се подготвува за за избори за Европскиот парламент од 23 до 26 мај.

Манфред Вебер, главниот кандидат на Европската народна партија, најголемата групација во Европскиот парламент, оцени дека скандалот покажал оти „екстремистите не смеат да имаат влијание во Европа“.

И германската канцеларка Ангела Меркел предупреди од опасностите од екстремно десничарските политичари.