ОФ-ФЕСТ 2019 - ехо на слободата

Со концепт каде носители се велшката харфистка Финч и сенегалскиот кора мајстор Кеита, Крсте Роџевски со неговите њујоршки пријатели, големата пејачка ѕвезда Фатумата Дијавара...од 3 до 8 јуни ќе се одржи 18 издание на ОФ-ФЕСТ, несомнено случување кое е многу повеќе од уште еден музички фестивал.

На македонската жива култура и на нашата потреба за ововремена комуникација со широкиот свет, од 3 до 8 јуни, по 18 пат ќе им се случи ОФ-ФЕСТ, како манифестација на една „поинаква музика“, борба за човекови права и на копнеж по слободата во глобални рамки. Во овој период, на неколку сцени во Скопје, како Македонска опера и балет, Младински културен центар и клуб „Епицентар“, со програма која се движи во широкиот распон од „светска музика“, преку засилени потраги по корените на традиции како африканската, европската, колумбиската, балканската...и згора нивно меѓусебно вкрстување и наново промислување, со примеси на џез, рок, хип-хоп... , публиката ќе има можност да го проследи веројатно најдолгото и сигурно најквалитетното издание на Фестивалот, кој за чудо, во изминатиов период се најде во позиција да ги истрпи најголемите атаци и подметнувања по сите минати години во кои се издигна над сите останати на Балканот и пошироко.

И, уште поважно, во случајов не станува збор само за музички настан, туку и многу повеќе – за чин кој говори за свесноста дека и ние сме дел од големото семејство на народи чиј стремеж се градењето мостови и со ништо не условени соработки. Денес и во иднина.

Катрин Финч и Секу Кеита

А, дека е тоа така ќе потврди и почетокот на годинешното случување кое им припадна на велшката харфистка Катрин Финч и сенегалскиот кора мајстор Секу Кеита, неколкупати наградуваниот тандем, кој црпејќи инспирации од сопствените различни традиции, трансформирани со импресивна синергија, стекна висок углед со своите брилијантни настапи.

Нивниот глобален пробив беше сторен со деби албумот „Clychau Dibon“ од 2013 година и бетониран со „Soar“, втората и сеуште нивна актуелна објава која се појави минатото лето.

За него рецензентите ќе забележат дека е „волшебна, фасцинантна, комплексна и рафинирана, плоча“ и дека станува збор за „апсолутно хипнотичен и уникатен брак на култури“. Конечно Финч или „Кралица на харфата“ и Кеита „најзафатениот кора инструменталист во светот“ денес се сметаат за еден од најбараните world-music проекти.

И, по еден ваков почеток истата вечер, на 3 јуни во МОБ, следува долго очекуваниот, премиерен и ексклузивен настап на македонскиот пејач, гитарист и композитор Крсте Роџевски, кој повеќе од две децении живее и работи во Њујорк.

Тој своите почетоци ги имал во 1990-те во Битола, чинејќи го кругот од кој потоа ќе произлезат ФОЛТИН и ЉУБОЈНА, а пошироката публика го познава по соработката со Дуке Бојаџиев и музиката во филмовите „Сенки“ и „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски, „До Балчак“ на Столе Попов и „Војната заврши“ на Митко Панов.

Крсте Роџевски

Во оваа прилика, Роџевски ќе настапи со своите пријатели, едни од највозбудливите музичари на њујоршката џез-авангарда како Мери Халворсон (гитара), Кирк Кнафке (труба), Томика Рид (чело), Мајкл Бланко (контрабас) и Тома Фуџивара (тапани).

Тоа е практично јадрото на екипата солисти со кои тој изминативе неколку години соработуваше при создавањето и снимањето на неговата трилогија: „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017) и „The Rabbit And the Fallen Sycamore” (2018), дела што добија одлични рецензии и пофалби од светската музичка критика, а последниот беше избран за еден од најдобрите албуми во 2018 година според светски реномираните списанија Downbeat и Wire.

И, по еден ваков грандиозен почеток, на 4 јуни, во 19 часот, во кино „Фросина“ ќе биде прикажан документарецот „Мали блуз“ на Луц Грегор во кој авторот портретира четири извонредни музичари од Мали кои никогаш нема да ја прифатат омразата, недовербата, насилството или радикалниот ислам - дома во Мали, но и во остатокот од светот.

Станува збор за пејачката Фатумата Дијавара, виртуозот на инструментот нгони - Басеку Кујате, младиот рапер Мастер Суми и туарешкиот гитарски херој Ахмед Аг Кади. Сите тие имаат нешто заедничко: нивната музика поврзува, обединува, теши и лекува, поттикнувајќи ги луѓето на борба за промена, за подобра иднина, за живот во мир и толеранција.

​Како што ќе биде забележано „Мали блуз“ е музички филм, „средба на африканскиот хип-хоп со духот на Џими Хендрикс, на пустинскиот блуз со динамичниот афро-рок. Филм за обединувачката моќ на музиката, која ја осветлува со надеж Африка и нејзините жители во овие турбулентни времиња“.

​Басеку Кујате и НГОНИ БА

А, веднаш потоа, по три годишна пауза на местото на „злосторството“, со „Miri“ (сон, контемплација) или албумот за љубовта, пријателството, семејството и вистинските вредности во овие кризни времиња, во Дансинг салата на МКЦ, се враќа токму Басеку Кујате, вистински мајстор и амбасадор на инструментот нгони, древна, традиционална лејта од Западна Африка.

Во неговите раце, овој навидум ограничен инструмент напредна толку многу што успеа да постигне поширок мелодиски опсег и прилагодливост, опфаќајќи ги западните стилови како џез, блуз и рокенрол, што го зацврсти неговиот статус на основач на електричниот нгони, виртуоз и визионер. Поместувајќи ги границите на возможното, Басеку отиде дури и подалеку во својата револуционерност, формирајќи го првиот нгони бенд, NGONI BA, составен исклучиво од нгони инструменти со различна големина и тонален опсег.

А, виртуозот сега крај себе ги има сопругата Ејми Сако (популарна африканска пејачка, често нарекувана „Тина Тарнер од Мали“) и синовите Маду и Мустафа Кујате, со кои одржува над стотина концерти годишно, настапувајќи на реномирани фестивали како Fuji Rock во Јапонија, Roskilde во Данска, Northsea Jazz Festival во Холандија, па сè до Glastonbury и Latitude во Велика Британија.

И, за да биде оваа слободарска приказна заумно и успешно заокружена, на 5 јуни, во МОБ, е планирано својот перформанс да го стори Фатумата Дијавара, една од водечките гласно говорнички на новата африканска творечка генерација.

Таа на светската сцена експлодира во 2011 година со дебитанскиот албум „Fatou“, по што оваа актерка и активистка од Мали израсна во една од најекспонираните нови африкански уметници на планетата. Во меѓувреме соработуваше со ѕвезди како Херби Хенкок, Боби Вомек, Дејмон Албарн, Тумани Диабате, Уму Сангаре, Ди Ди Бриџвотер, Роберто Фонсека...за да со минатогодишниот втор албум „Fenfo“ („Нешто да кажам“), храбро експериментирајќи но со длабока почит кон потеклото, се етаблира како една од хероините на слободарска Африка - горда на своето наследство, но и со сопствена визија за иднината и со универзални пораки.

На 6 јуни, повторно во МКЦ, едно по друго се планирани настапите на SONDORGO, еден од водечките претставници на тамбурашката музика во Унгарија чија мисија е да ја промовира јужнословенската фолк музика собрана од Бела Барток и од Тихомир Вујичиќ, популарна кај заедниците што живеат долж реката Дунав, и веднаш потоа нашиот виртуоз на труба Џамбо Агушев со својот оркестар кој во меѓувреме се стекна со светска репутација.

ROMPERAYO

Ден подоцна, во истиот простор се очекуваат перформансите на LOVE AND REVENGE, заеднички проект на либанскиот хип-хоп пионер Рејес Бек и визуелната уметница Ранда Мирза (музичка рефлексија на нивниот културен идентитет, со цел да им дадат втор живот на старите арапски популарни песни и филмови, прилагодувајќи ги на принципите на современата музичка продукција и модерната визуелна естетика), и на колумбијците ROMPERAYO за кои ќе биде забележано дека „звучат како брзо движечко музичко патување низ тамошниот тропски фолклор, палава и модерна интерпретација на психоделичните звуци на популарната кумбија и другите врели ритми од 1970-те“.

Со тапанарот Педро Охеда како најистурен на сцената (кој патем свири и во Los Pirañas, Palanca, CieloMama, Frente Cumbiero, Ondatrópica и Mucho Indio), инаку предводник на новата генерација колумбиски перкусионисти, ROMPERAYO од 2011 година наваму зад себе имаат три објави, вклучувајќи го тука и актуелниот албум „Que Jue?“ (2019), а во последните неколку години бендот е често присутен во Европа, настапувајќи на значајни музички фестивали како португалскиот Sines и данскиот Roskilde.

Daddy G

За крај, пак, на 8 јуни во клубот „Сектор“, е оставен ди-џеј сетот на Daddy G од MASSIVE ATTACK, уметникот кој се смета за духовен татко на феноменот што во историјата на поп музиката е познат како „бристолски звук“, таа неодоливо мрачна комбинација во која се вкрстуваат даб, реге, фанк, диско и хип-хоп идиомите, звуковна форма што остави силна трага во последниве речиси три децении на светската музичка сцена.

А, посегањето по неговата биографија на виделина го вади и следново. Daddy G e еден од основачите на Wild Bunch Sound System, од коj подоцна произлегоа Massive Attack.

Покрај Mushroom и 3-D, Daddy G беше еден од клучните членови на групата како и еден од главните вокали.

Сепак, далеку пред да формира бенд, тој беше познат како диџеј. Во 1980 година беше бележан како еден од најмладите диџеи во Бристол, а неговото име стана синоним за музички еклектицизам. Неговите диџеј сетови беа легендарни не само поради самата селекција и вештините на миксање, туку и по способноста да го употреби микрофонот на толку различни начини како што тоа го правеше и со грамофоните.

Успехот на Massive Attack во 90-тите ја проретчи активноста на Daddy G како диџеј, но тој никогаш целосно не го напушти овој свој вроден порив. А кога составот е на распуст, Daddy G продолжува да ги поттикнува луѓето да танцуваат во најдобрите клубови во светот.