СПЦ е за дијалог со МПЦ

Соопштението на веб-сајтот на СПЦ во кое се наведува дека Српската православна црква одобри нов условен дијалог со Македонската православна црква-ОА.

Светиот архиерејски Собор на Српската православна црква на годишното заседание што заврши вчера во Белград, ја разгледал состојбата на српските цркви во регионот, соопшти денеска Светиот архиерејски Собор на СПЦ, наведувајќи дека се констатирани „анимозитет и дискриминација во однос на СПЦ во поголема или помала мера, речиси насекаде – во Хрватска, Босна и Херцеговина, Северна Македонија“.

Архиереите ја истакнаа, како што се наведува во соопштението, и „тешката состојба на автономната Охридска архиепископија во Северна Македонија, каде во моментов нема директен прогон на архиепископот Јован, епископ, клирик, монах и верник“, но, како што посочуваат,
„над глава им виси Дамоклов меч на нов судски прогон“.

"Наспроти тоа, српската Црква и натаму, како и досега е за дијалог со тамошната Црква, која веќе со децении е во раскол и за решавање на проблемот на автентична канонска основа", се наведува во соопштението на Соборот на СПЦ.

На заседанието на Српскиот архиерејски собор, е истакнато и дека најголемиот проблем на Православната црква денес е црковниот раскол во Украина и промашениот обид на Цариградската патријаршија тој проблем да го реши на своја рака, без дијалог со Руската православна црква.