Комисијата за трговските ознаки и трговските имиња утре ќе одржи прв состанок во Солун, откри алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу за време на расправата во грчкиот Парламент за ратификација на законите што произлегуваат од потпишаните договори во Скопје во март и април годинава за отворање на нови гранични премини, јави дописничката на МИА од Атина.
„Утре заседава за прв пат комисијата што е одредена под покровителство на министерството за надворешни работи за темите за трговските ознаки, трговските имиња и слично. Утре заседава, за прв пат во Солун и таму од бизнисмените од двете страни ќе се поставуваат темите кои останаа нерешени се додека не се потпиша Договорот од Преспа“, рече Анагностопулу.
Во однос на ратификацијата на двата договори, кои беа темата на денешната пленарна седница, Анагностопулу рече дека се гледа практичната придобивка од Договорот од Преспа и истакна дека отворањето на граничните премини било барање на локалното население. Таа повтори дека без Договорот од Преспа и со претходната рамката што ги одредуваше односите на двете земји не можеше да се отворат граничните премини, а во однос на финансирањето на граничните премини, алтернативната шефица на грчката дипломатија објасни дека ќе биде од европски програми.