Премиерот Зоран Заев информира дека денеска ќе има состаноци во Министерството за правда за досегашните преговори за новиот Закон за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на СЈО.
Според него, целта е навремено да се заврши процесот, а ако има напредок би можело да биде одржана и лидерска средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христија Мицкоски.
„Ако се случат одредени исчекори во делот на преговарањето, ние лидерите на двете политички партии, би оствариле лидерска средба за конечно заокружување на законот. Сакаме да постигнеме консензус и за овој закон. Овде имаме и политички одлуки кои треба да ги донесеме, затоа и ќе треба лидерска средба за Законот за јавно обвинителство“, изјави денеска Заев во Владата пред презентацијата на истражувањето на ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените.