Владата, на денешната седница, како што информираат од владината прес служба, ја усвоила информацијата во врска со евалуацијата на понудите за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од 22 мали хидроелектрични централи.
Донесени се одлуки на 18 баратели да им бидат одобрени концесии, три понуди да бидат одбиени заради тоа што барале одобрување на концесии во заштитено подрачје и една да биде одбиена заради некомплетна документација, информираат од Владата.
Од таму наведуваат и дека на истата седница на предлог на Министерство за финансии е усвоена одлука за формирање на Совет за борба против перење пари и финансирање на тероризам, заради унапредување на меѓуинституционалната соработка согласно целите на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам.