Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние денеска изјави дека не може да зборува за датум за преговори, бидејќи треба да се почека на извештајот на ЕК за да се направи проценка дали во земјата се спроведени неопходните реформи.
„Да се предвиди датум, ќе кажам не, не сум астролог, но сепак, ќе кажам, еден од условите да се завршат почнатите работи, односно да се заврши агендата 3-6-9, потоа агендата 18, кои претставуваат извонредни работни инструменти. Ќе го чекаме извештајот на Европската комисија за кон крајот на месец мај да направиме проценка дали се спроведени сите оние работи кои требаше да се спроведат, особено од областа на судството и на правната држава“, порача Тимоние, кој во Прилеп на студентите од Економскиот факултет им одржа предавање на тема: „Европската Унија во пресрет на изборите, предизвици и надежи – француско гледиште“.