Османи уверен во добивањето датум за преговори со ЕУ

Вицепремиерот Бујар Османи

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи порача денеска дека е уверен оти оваа година земјата ќе влезе во втората фаза после дваесет години напори, и ќе започне преговори за пристапување соЕУ.

„Работиме со земјите-членки, со сите нивни дилеми што ги имаат во однос на проширувањето. А тие дилеми не се однесуваат на нас. Не може да се најде забелешка за работата на Северна Македонија во однос на исполнувањето на критериумите. Се обидуваме да им објасниме дека интересот за започнување на овој процес е многу поголем, и штетата е многу поголема да не се започнат, отколку да се започнат преговорите, дури и во случај на внатрешните дилеми и стравовите што ги има во земјите-членки. Така што јас сум оптимист и ве уверувам дека нема да оставиме непревртен камен и камче за да обезбедиме оваа држава да почне преговори годинава“, истакна Османи по симулацијата на состанок на Европскиот совет што ја организираа и изведоа студентите од Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје.

Во однос на тоа дали ќе понесе политичка одговорност и ќе се повлече од функцијата доколку државата не добие одлука за почеток на преговори, Османи истакна дека тоа прашање е „многу поголемо од индивидуалната судбина на било кој човек дури и на целата Влада“.