Од инаугурацијата на новиот претседател Стево Пендаровски, Владата веќе нема обврска, а ниту другите институции да се придржуваат до правилото дека не се возможни никакви кадровски поместувања, изјави денеска вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање во врска со најавената „метла” од страна на премиерот Зоран Заев, која ќе зафати дел од функционерите.
Рече дека како сериозна коалиција на Влада ќе седнат и ќе ги направат сите анализи и ќе дадат одговор на некои од очекувањата што не успеале да ги исполнат.
„Тоа не е прашање само на персонални рокади и промени, туку прашање на промени што се неопходни во системот на одлучување“, вели Шекеринска.
Таа вели дека персоналните промени не се единственото прашање за кое ќе дискутира.
„Треба да направиме сè, како што успеавме крупните проблеми да ги решиме, така да дадеме резултати и во секоја сфера“, рече Шекеринска.
Дополни дека разговорите околу реконструкцијата, околу кадровските смени, околу системските промени во работата на Владата нема да ги води само СДСМ оти, како што рече, тоа би било иста грешка, туку ќе ги водат заедно со сите коалициски партнери.