Забрзувањето на процесот на интегрирање во Европската унија и членството во НАТО може да донесе бројни придобивки за нашата економија. Искуствата на економиите кои веќе минаа низ овој процес покажуваат дека зголемувањето на извесноста за побрзо приклучување во ЕУ е исклучително важен и позитивен сигнал за перспективите на една економија каква што е нашата. Тие посочуваат дека овој процес делува врз забрзување на нето-приливите од странски инвестиции, кои во одредени години достигнуваат во просек и близу 8 отсто од БДП, информираат од Народната банка.
Оттаму оценуваат дека доколку дојде до забрзување на вроинтегрирањето на нашата земја, согласно овие искуства, може да се очекува повисок прилив на странски директни инвестиции кај нас, а тоа би довело и до бројни позитивни ефекти врз повеќе сегменти на економијата. Истовремено, искуствата од регионот покажуваат дека во просек, странските директни инвестиции како процент од БДП се удвојуваат по влезот на земјите во НАТО, достигнувајќи и двоцифрено учество во БДП кај некои економии.