Државната изборна комисија денеска треба да му го даде уверението на Стево Пендаровски за избран за шеф на државата. Претходно ДИК ќе одржи јавна седница на која ќе ги објави конечните резултати од претседателските избори.
Пендаровски утре ќе биде инаугуриран на седница во Собранието со што и официјално ќе го почне петгодишниот мандат. На седницата Пендаровски ќе даде свечена изјава пред пратениците, членовите на Владата, верските лидери, првите луѓе на армијата, дипломатскиот кор и гости од странство.
Досега потврда за присуство на инаугурацијата на Пендаровски пристигнала од бугарскиот претседател Румен Радев, од албанскиот претседател Илир Мета и од косовскиот претседател Хашим Тачи. Присутни ќе бидат и заменик премиерот на Турција и делегација од Словенија.
Покани за присуство на инаугурацијата преку Министерството за надворешни работи се испратени до сите шефови на држави членки на НАТО и ЕУ, вклучувајќи ги и претставниците на Европската комисија, како и од земјите од регионот.