Францускиот амбасадор во земјата Кристијан Тимоние уверува дека Франција ги поддржува нашите евроатлански напори и дека наспроти впечатокот дека Франција е една од земјите кои се најскептични во однос на проширувањето на Унијата, таа всушност сака Западен Балкан да биде дел од Унијата. Во интервју за нашето радио кое ќе го емитуваме в недела, тој објаснува дека треба да се смени перцепцијата дека Франција се противи на нашето зачленување во Унијата.
„И на Берлинскиот самит, претседателот Макрон ја објави својата Стратегија за реинвестирањето на Франција на Балканот и со тоа покажуваме дека не само што не се спротиставуваме, туку со сите земји од овој регион сакаме да работиме на европска интеграција на регионот, ама кога ќе дојде време. Кога е тој ден? Во моментот имаме огромна пречка. Го следевте сето тоа што се случуваше со Брегзитот и ние самите не знаеме кога таа голема земја членка ќе излезе од Унијата или нема. Видовте како ние не знаеме колку пратеници ќе имаме во парламент оти мислам дека не треба да се потценуваат огромните потешкотии што ќе бидат неопходни за редефинирање на Унијата поради Брегзитот, но и поради сложените односи на земјите внатре во Унијата со земјите од источна и централна Европа во поглед на правната држава и со сето тоа се покренува прашање кај јавното мислење во однос на моментот и брзината на проширувањето“, вели амбасадорот Тимоние во интервјуто за РСЕ.
Видете и ова: Регионалниот пристап може да ја забави македонската интеграција во ЕУ?
Тој сепак, не кажува дали земјава е подготвена за датум за почнување преговори на јунскиот Совет на министри на ЕУ, и додава дека во таа насока прво се очекува извештајот на Европската комисија, кој ќе даде преглед за напредокот на реформите, особено за областите кои се однесуваат на владеењето на правото, а дури потоа сите земји членки ќе направат проценка за реалната состојба во однос на тој напредок.
Симонида Кацарска, извршна директорка на Институтот за европска политика, вели дека наша обврска е да лобираме кај земјите членки коишто се скептични за нашето зачленување и да го образложиме својот случај, зошто треба да ги почнеме преговорите.
„Мислам дека со имплементацијата на Договорот од Преспа, со законите во правосудството како и борбата против корупцијата, Владата има солиден случај кој ќе го претстави пред земјите членки. Од друга страна, јуни е специфичен поради теснецот кој се креира во однос на објавувањето на извештајот на 29 -ти мај, но ние немаме друг избор освен да притискаме кај земјите скептични за што е можно побрзо донесување на таа одлука“, вели Кацарска.
Кацарска вели дека варијантата да не добиеме датум во јуни постои, но тогаш треба да се лобира за тоа да се случи во јули или најдоцна во септември. Но, таа укажува на реалноста дека земјава никогаш не била поблиску до датум за преговори.
„Забелешки секогаш ќе има, од наша страна чашата секогаш ќе се претставува како повеќе полна, отколку повеќе празна, меѓутоа сметам дека беа направени клучни чекори, како спорот со Грција, а на крајот на краиштата мора да ги потсетиме земјите членки дека почетокот на преговорите е всушност почеток на поголема поддршка од страна на Комисијата во трансформативните процеси. Тоа не значи членство кон кое знаеме дека постојат поделени ставови во Унијата, туку значи поголем ангажман за да може ние внатре да ги исполниме стандардите потребни за една земја членка“, заклучува Кацарска.