ЕУ со декларација за одбрана на демократијата и владеење на правото

Учесниците на самитот на ЕУ во Романија

Лидерите на ЕУ кои присуствуваа на неформалниот самит во Романија усвоија декларација во која ги истакнуваат обврските за реформи во различни области и во која ветуваат дека ќе ја бранат демократијата и владеењето на правото.

Британската премиер Тереза Мај не присуствува на самитот во градот Сибиу, каде се разговара и за курсот на ЕУ по заминувањето на Велика Британија. Самитот се одржува на две недели пред изборите за Европскиот Парламент во кој може да бидат избрани популистички и евроскептични партии кои може да имаат поголемо влијание во носењето одлуки.

„Ние ќе продолжиме да го заштитуваме нашиот начин на живот, демократија и владеење на право“, се наведува во декларацијата која има 10 точки.

Во неа се порачува дека Европа ќе се брани од сите страни, обединето и ќе ги штити сите граѓани и ќе се грижи за нивната безбедност.