Денеска почна 31-иот Саем на книга во ВИП Арена „Борис Трајковски“. Саемот ќе трае до 14 мај. Работното време во седумте саемски денови е од 10 до 20 часот. Ќе учествуваат околу 70 издавачи, а посетителите ќе може да купат книги со саемски попуст.
Понудата е разновидна – од белетристика до научни и стручни книги, енциклопедии, литература за деца… Ќе има и околу 30 промоции во Промотивниот центар во ВИП Арената.
Влезниците за саемот се по цена од 30 денари, односно 20 денари за групни посети. За полесен и директен пристап на посетителите до ВИП Арена „Борис Трајковски“, ЈСП „Скопје“ и оваа година воведува две вонредни автобуски линии од населбите Ново Лисиче (бр. 100) и Дексион (бр. 200).
Саемот на книгата втора година се организира во спортската сала „Борис Трајковски“ по затворањето на халите на старата локација. Од Скопски саем велат дека работат на изнаоѓање трајно решение за нов простор за саемски презентации, а дотогаш ВИП Арената е инфраструктурно најсоодветен заменски простор. Според Скопски саем, лани имало и повеќе посетители од 2017 година, а некои од издавачите минатата година оценија дека спортската сала била солидно адаптирана и променетата локација не го сменила духот на манифестацијата.