Повеќе од 34 илјади луѓе биле заболени од мали сипаници низ Европа во првите два месеци од годинава, од кои најголем број на случаи се забележани во Украина, соопшти денеска Светската здравствена организација. Воедно ги повика властите да се осигураат дека ранливите категории на луѓе ќе бидат вакцинирани.
Бројката на смртни случаи од 34.300 заболени во 42 земји во Европа изнесува 13, а жртвите се од Украина, Романија и Албанија кои се соочуваат со епидемија на мали сипаници. СЗО предупредува дека вирусот можеби ќе продолжи да се шири.
„Доколку одговорот не е навремен и сеопфатен, вирусот ќе го најде својот пат кај ранливите личности и потенцијално ќе се шири во други земји и надвор од регионот. Секоја можност за вакцинирање на деца, адолесценти и возрасни треба да се искористи“, се наведува во соопштението.
Малите сипаници се многу заразна болест која може да убие, да предизвика слепило, оштетувања на мозокот. Може да се спречи со две дози на вакцина. Освен во Европа, вирусот се шири и во САД, Филипини и Тајланд.
Видете и ова: Морбилите меѓу повикот за вакцинација и недовербата во здравствотоНајмногу случаи на заболени 25 илјади лица има во Украина. СЗО предупредува дека нема алтернативен третман за лечење на мали сипаници и вакцинацијата е единствениот начин да се спречи заболувањето. Најголем дел од заболените се невакцинирани или недоволно вакцинирани лица.
Според организацијата, иако регионот има највисока покриеност со вакцинација од втората доза на вакцина во 2017 година од околу 90 отсто, некои земји имаат проблеми со стагнација или одбивање за имунизација во некои случаи, мала покриеност на маргинализирани групи и кај постарите генерации.
Од СЗО ги повикуваат националните здравствени установи низ регионот да се фокусираат во обезбедување на вакцини за сите групи на луѓе.
"Влијанието врз јавното здравје ќе продолжи, додека не се контролираат тековните епидемии", се вели во соопштението.
Здравствените институции, според СЗО, треба да идентификуваат кој не примил вакцина во минатото и сега да ја добијат потребната доза. УНИЦЕФ минатиот месец соопшти дека повеќе од 20 милиони деца во изминатите 8 години го пропуштиле вакцинирањето низ светот што претставува основа за ширење на епидемии.
Во земјава минатиот месец беше прогласена епидемија на мали сипаници, а како резултат на заболувањето регистрирани се четири смртни случаи. Министерството за здравство како дел од мерките во борбата против епидемијата соопшти дека нема да се врши упис во прво одделение на децата кои не се вакцинирани, а забраната за упис и примање на деца кои не се вакцинирани важи и за градинките.