Заев оствари средба со папата Франциск

Премиерот Заев се сретна со Неговата Светост Папата Франциск

Премиерот Зоран Заев и оствари одделна средба со папата Франциск во рамките на програмата на апостолската посета на Неговата Светост и прв свештеник на Католичката Црква.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, уште еднаш беше потврдена вековната духовна врска меѓу папската држава и нашата земја воспоставена со мисијата на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј, и со чествувањето на нивното дело што секоја година заеднички се прославува во Рим и Ватикан.

„На средбата меѓу премиерот Заев и Папата Франциск беше истакната заложбата Република Северна Македонија да ја продолжи својата афирмација како земја на заедништво и толеранција следејќи го примерот на делото на Светите Кирил и Методиј, кои во 1980 година Ватикан ги прогласи за покровители на Европа“, се наведува во соопштението.

Премиерот Заев порачал и дека Апостолската посета е инспирација за народот и го замолил папата Франциск да се помоли за доброто на граѓаните и на земјата.