Претседателот Ѓорге Иванов, во обраќањето во рамки на посетата на папата Франциск, денеска од Вила Водно ги повика граѓаните на помирување и простување, како и на сплотување за духовна обнова.
„Сакам да упатам повик до сите мои сограѓани, до сите со добра волја и чисти срца, независно дали припаѓаат кон православната, католичката или протестантската гранка на христијанството, дали се муслимани, евреи или атеисти, ве повикувам да ја препознаете симболиката на оваа посета и преку понизност и простување, помирување и сплотување, преку одговорност и почитување да се вклучите во духовната обнова на Македонија пред да биде предоцна“, рече претседателот Иванов.
Тој кажа дека на овие вредности потсетува токму папата Франциск, кој, како што рече, симболично го повторува чинот што го направил Исус по Тајната вечера, свесен за искушенијата и маките кои го чекаат, понизно миејќи ги нозете на своите следбеници. Со тоа, според Иванов, папата го симболизира патот на љубовта, милоста, понизноста и служењето.
„Тоа е пат што треба да го следиме и ние тука во Македонија Независно од нашата вера или идеологија. Само така ќе може да им оставиме подобра иднина на младите и се уште не родените“, порача Иванов.