Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, пристигна во Скопје со што ја почна историската Апостолска посета на Република Северна Македонија. Папата на аеродромот официјално беше пречекан од претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев, по што се упатија кон претседателската вила Водно на официјалната церемонија. Папата потоа ќе има средба и со верските лидери во Спoмен куќата на Мајка Тереза. На плоштадот „Македонија“ поглаварот на Римокатоличката црква ќе отслужи Света литургија на која се очекува да присуствуваат повеќе од 15 илјади граѓани од земјава, но и високи гости, верници и странски државјани, пред се од поширокото соседство. По литургијата папата ќе одржи екуменска и меѓурелигиска средба со младите во Католичката црква, а потоа и со свештениците и нивните семејства.