Врховниот суд ги укина пресудите на Основниот суд Скопје 1 и на Апелација за случајот „Ликвидација“ и предметот го врати на повторно судење, напиша на својот Фејсбук профил новинарот Томислав Кежаровски. Тој за овој предмет беше осуден на 4,5 години казна затвор, а потоа Апелација му ја намали казната на две години.
„Штета Лиле Стефанова нема да го застапува Обвинителството. А толку сакав да се соочам со неа на фер судење. Ајде да видиме дали овој пат ќе има фер судење,“ напиша Кежаровски.
Тој во 2013 година беше осуден за новинарски текстови во кои според обвинението го објавил идентитетот на заштитен сведок во случајот „Ореше“ со што му го загрозил животот. Кежаровски пак, во судницата посочуваше дека тоа не бил заштитен сведок туку лажен сведок кој сведочел по налог на тајната полиција. Покрај Кежаровски во овој предмет беа осудени и судии, јавен обвинител и адвокат, сите поврзани со предметот „Ореше“.