Светски медиуми: победа на Пендаровски и на владините политики

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Странски агенции: победата на Пендаровски, поддршка за владата

Прозападниот кандидат Стево Пендаровски победи во вториот круг од претседателските избори по кампањата во која доминираа поделби околу промената на името. Ова го јавуваат светски новински агенции, оценувајќи дека тоа е своевидна победа и за политиките на владејачката коалиција.

„Стево Пендаровски и неговиот противкандидат од националистичката ВМРО ДПМНЕ Гордана Сиљановска Давкова имаа многу тесна разлика во првиот круг пред две недели“, наведува новинската агенција Ројтерс оценувајќи:

„Победата дава посилен ветер во едрата на владејачката коалиција која очекува да добие датум за преговори со Европската унија во јуни и да стане 30 членка на НАТО во наредната година“.

Ројтерс додава дека за разлика од Пендаровски, Сиљановска Давкова е против промената на името иако е исто така за влез во Европската унија.

Партијата која ја поддржа, ВМРО ДПМНЕ по гласањето ја обвини владата за „изборен инжењеринг“, односно за поткуп и закани на избирачи.

Ројтерс ја цитира и пораката на Твитер на аналитичарот од Универзитетот во Грац Флоријан Бибер кој вели дека изборниот резултат ја потврдува посветеноста на договорот за името со Грција.

„Сега е време за напредок во владеењето на правото и за Европската унија да даде зелено светло за почеток на преговорите“, порачува Бибер.

„Владиниот кандидат победи во вториот круг“ е насловот на известувањето на Асошитед прес во кое се наведува дека уште и пред официјалните податоци приврзаниците на СДСМ почнале да ја слават победата.

И оваа агенција наведува дека на претседателските избори се гледало како на тест на владините прозападни политики.

„Северномакедонскиот прозападен кандидат прогласи победа против ривалот поддржан од националистите на прегласувањето, давајќи и поттик на владата која ја подели јавноста со промената на името на земјата“, пишува новинската агенција Франс прес, додавајќи:

„Победата на Пендаровски помага во стабилно оддржување на курсот на владата на премиерот Зоран Заев кој се надева дека промената на името ќе биде наградена со отворање на преговорите за членство во Европската унија во јуни годинава“.

Германската новинска агенција ДПА пак, наведувајќи дека Стево Пендаровски победил потсетува оти тој го поддржува договорот со Грција, додека неговиот противкандидат Гордана Сиљановска Давкова, како и сегашниот претседател Ѓорге Иванов, се критични спрема договорот но исто така сакаат влез на земјата во НАТО и ЕУ.

„Скопје се надева дека со отсранетото грчко вето, земјата ќе добие покана да ги започне преговорите за членство во Европската унија во јуни“, пишува ДПА, наведувајќи дека функцијата на претседателот има лимитирани овластувања.