ДУИ: Успешниот изборен процес е извонреден резултат

Изет Меџити

Во ДУИ на првата прес-конференција по завршување на гласањето истакнаа дека се задоволни од придонесот на партијата во двата изборна круга со што е овозможен цензусот и предноста на нивниот концепт. Сметаат дека успешниот процес е извонреден резултат успешно завршен и во согласност со европските стандарди.

„Нашите првични неофицијални проценки се дека има околу 90 илјади албански гласови кои го поддржаа концептот на консензус. Сакам да изразам длабока загриженост во врска со информациите на теренот за тивок, но активен и организиран бојкот од страна на албанската
опозиција. Тоа значително се приметува во општините со кои управуваат како Желино, Боговиње, Врапчиште и Гостивар“, изјави Изет Меџити, шеф на изборниот штаб на ДУИ.

Според него, тие деструктивни напори на опозицијата се помали од прогресивните сили на граѓаните.

„Граѓаните не дозволија кризни и злонамерни сценарија за државата и за Албанците. Движењето на земјата кон НАТО и ЕУ нема сила која може да ја спречи, а ние во ДУИ сме старатели и гарантот на ова патување“, рече Меџити.

Од партијата најавија и обраќање и на претседателот Али Ахмети за подоцна.