МОСТ: Излезноста до 16 часот е 34,8 отсто, забележани помали неправилности

Прес конференција на МОСТ во вториот круг од претседателските избори 2019

Одзивот на гласачите во вториот круг од претседателските избори до 14 часот бил 26,3 отсто, до 15 часот 30,6 проценти и до 16 часот бил 34,8 проценти, соопшти невладината организација МОСТ.

Според податоците на МОСТ, на гласачко место во Куманово, гласач гласал и сакал да го напушти гласачкото место без да биде обележан со невидлив спреј, поради што била повикана полиција, по што лицето било обележано со спрејот, а на гласачко место во Чешиново Облешево, настанала расправија меѓу двајца набљудувачи на различни кандидати. Едниот го обвинил другиот дека им асистира на гласачите во која просторија да го остварат своето гласачко право. Во расправијата се вклучиле и други набљудувачи на кандидатите, по што интервенирала полицијата и ги легитимирала двајцата кои се расправале и ги отстранила од гласачкото место. За време на целиот настан гласањето се одвивало без проблеми.

„На гласачко место во Прилеп, околу 13.30, во период од 10 минути, двајца членови на избирачкиот одбор биле отсутни, при што набљудувачи на кандидатите присутни на гласачкото место ги обележувале гласачите со спреј и гласањето се одвивало без проблем, а настанот не бил заведен во записникот“, информираше МОСТ.