Што денеска очекуваа Пендаровски и Сиљановска - Давкова?

Исполнет цензус и победа на претседателските избори очекуваат и двајцата кандидати Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска-Давкова. Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев посака успешни избори, а претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се жалеше на нерегуларности.

Двајцата кандидати за претседател и Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска- Давкова откако гласаа на нивните избирачки места порачаа дека очекуваат победа на вториот круг од изборите. Доколку биде исполнет цензусот и на гласање излегле најмалку 40 отсто избирачи, за претседател на државата ќе биде прогласен кандидатот кој освоил мнозинство од гласовите.

Кандидатот на СДСМ и коалицијата Пендаровски изјави дека очекува мирен изборен ден и поубедлива победа од онаа во првиот изборен круг. Тој истакна и дека не гледа причина одѕивот да биде помал од 40 проценти.

„Денешниот изборен ден во вториот изборен круг почна мирно. Јас искрено се надевам и верувам дека така и ќе заврши. На тој начин ние ќе покажеме дека како држава сме подготвени да организираме фер, демократски и транспарентни избори, како што и прилега на земја која наскоро очекува да ги почне преговорите за членство во Европската Унија. Што се однесува до изборниот резултат, очекувам уште поубедлива победа во вториот круг, затоа што оние категории на луѓе кои останаа дома во првиот круг или оние кои гласаа за противкандидатот Река, кој ја заврши својата изборна трка во првиот круг, еден дел од нив очекувам дека ќе излезат на биралиштата и ќе гласаа“, порача тој.

Видете и ова: Претседателски избори во Северна Македонија

Сиљановска- Давкова порача дека очекува поголема излезност и победа и албанските гласови да завршат на нејзиното конто.

„Мислам дека таргетот на кој се концентрирав, односно групите граѓани за кои мислев дека треба да се инспирираат или да им се разјаснат дилемите дали да излезат или не дека успешно го завршив и денов почна како со зима, тоа е политичката зима во Македонија, мислам дека ќе заврши со сонце на крај“, рече Силјановска по гласањето во во основното училиште „Коле Неделковски“.

Заев сака успешни избори, Мицкоски се жали на нерегуларности

Премиерот Зоран Заев истакна дека е најважно да успеат изборите и земјата да има успешен избор на претседател.

„Истовремено од одлуката ќе зависи во кој правец и со какво темпо ќе продолжи да се движи земјата. Јас верувам дека ќе продолжиме со забрзано темпо да се движиме напред, да бидемо рамо до рамо со современиот западен развиен свет“, рече Заев по гласањето во Струмица.

Запрашан за опциите доколку нема цензус Заев истакна дека една од нив е брзо организирање на нови претседателски избори заедно со парламентарни избори, за да се покрене цензусот. Други опции, според него, се со промена на Уставот да се тргне цензусот и да се оди повторно на избори или претседателот на државата да се избира во Парламентот.

„Но, сите овие опции се помалку демократични и се дефинитивно проблематични за државата, затоа што ќе не вратат неколку месеци назад, ќе застанат просеците, повторно ќе има политички дебати, ќе има Пржински договори, ќе има разговори во Клубот на пратeнiците. Тоа не ни треба“ истакна тој.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски посочи дека денеска е свечен ден и покрај сите случаи на неправилности и нерегуларности кои ги регистрирала неговата партија за време на гласањето.

„По пет недели кампања во првиот и во вториот круг, по поминати повеќе од 13.000 километри можам да заклучам дека денеска граѓаните треба гласно да зборуваат со пенкалото во рака позади гласачката кутија дали се за ова секојдневие кое денеска за жал е власт предводена од Заев Зоран или, пак, за сето она што ние изминативе пет недели, но и изминатиов период, исто така, го зборуваме, а тоа е правдата што треба да ја победи целокупната неправда што денеска се случува во Република Македонија“, истакна Мицкоски.

Претседателот Ѓорге Иванов откако гласаше во средното училиште „Јосип Броз Тито“ посочи дека очекува изборниот ден да помине во најдобар ред и по гласањето да се знае кој кој ќе биде петтиот претседател на државата.

„На идниот претседател му посакувам да ги исполни сите ветувања зашто тоа граѓаните го очекуваат и да го сочува достоинството на институцијата Претседател“, порача Иванов.

Најмалку гласови во првиот круг од изборите освои кандидатот на Алијансата на Албанците и на БЕСА, Блерим Река.