МВР попладнево дополнително информираше за пет пријави за нарушување на изборниот процес - фотографирање на гласачко ливче, фотографирање на избирачки одбор и недозволена агитација.
„Зад основното училиште Невена Георгиева - Дуња, надвор од гласачкото место, пронајдени се околу 10 летоци со содржина во врска со претседателските избори. Исто така, на улица Коста Новаковиќ во Скопје, во две згради, од страна на граѓани, е пријавено дека има расфрлени летоци со со содржина во врска со претседателските избори“, соопшти МВР.
Денеска напладне, информираа од МВР, Општинската изборна комисија на гласачко место број 0764 во село Другово, Кичево пријавила дека Ј.Ј. со мобилен телефон го фотографирал гласачкото ливче. Лицето било повикано во полициската станица во Кичево и бил известен јавен обвинител.
„Заменик претседателот на Избирачкиот одбор на гласачко место број 2666, во Основното училиште „Златан Сремац“, на подрачје на ПС ОН Кисела Вода, пријавил дека В. Ч. (31) од Скопје од ходникот со мобилен телефон го сликал избирачкиот одбор. Од страна на полициски службеници лицето е задржано и во ПС за понатамошна постапка. Во полициската станица во Кочани, С. С. телефонски пријавил дека во близина на гласачките места број 875 и 876 во село Чешиново, Кочани, неовластено се задржувале неколку лица. Од страна на полициски службеници излезено е на местото на настанот и не се потврдени наводите од пријавата“, соопшти полицијата .
Според полициските информации, општинскиот огранок на политичка партија од Чешиново-Облешево во писмена форма пријавено е дека две лица од село Облешево со патничко возило вршеле агитација во село Облешево. Од страна на полициски службеници излезено е на местото на настанот и не се потврдени наводите од пријавата.