Обилниот дожд престана – излезноста во дебарско порасна

Гласање на претседателските избори во Дебар

Обилните врнежи од дожд во општините Дебар, Центар Жупа и Маврово - Ростуше имаа влијание врз минималната излезеност на денешното претпладневно гласање за претседател на државата. Ова, покрај другото, го кажаа за РСЕ неколку гласачи на изборното место во дебарската гимназија, кои рекоа дека би гласале порано, а не напладне.

Во општинската изборна комисија во Дебар, претседателката Елмира Бакали информира дека додека до 10 часот излезноста била 1,3 проценти, во 13 часот пораснала на околу 10 отсто.

„Во Дебар по традиција се гласа помасовно попладне, но имаше влијание и силниот дожд кој го имавме претпладне“, вели Бакали.

Инаку во општина Дебар бројот на гласачи е 18.574 и се гласа на 27 избирачки места, од кои 22 во градот и 5 во селските населби.

Изборниот процес во Дебар, според ОИК, се одвива без проблеми, а на повеќе гласачки места имаше и набљудувачи од ОБСЕ, како и на неколку странски амбасади.

Во Општина Маврово – Ростуше исто така расте бројот на гласачи и според ОИК во оваа општина до 13 часот гласале 16 проценти од евидентираните лица во списокот.

Во Општина Центар Жупа, која е карактеристична по големата миграција, до 13 часот гласале 7 проценти од избирачите.