Македонските гастарбајтери, брачниот пар Стево и Данка Ризновски, по 50 години работа во Германија, се вратија во родното село Могила за да гласаат на претседателските избори. И по петдецениски престој во Германија, не извадиле германски пасош, туку ги задржале македонските патни исправи.
„Од идниот претседател очекуваме да донесе слога и мир во земјава. Јас од Германија дојдов да гласам тука во Могила. Разликата меѓу двете држави е огромна, но тука за нас е поубаво. Во Германија не можеме да гласаме оти имаме само македонски пасоши. И не сакам ни да гласам таму. Мене мерак ми е тука да гласам за мојата земја“, рече Стево Ризановски.
Неговата сопруга Данка вели дека денешниот ден за нив е како празник.
„Во изминатите години, кога тука ќе имаше избори, а ние ќе бевме во Германија, таму не можевме да гласаме. Сега сме тука и со гордост ќе го исполнеме нашето гласачко право. Важно ни е изборите да бидат мирни и демократски и да донесат слога во државата“, рече Ризновска.