Вториот круг и одѕивот

Втор круг Претседателски избори 2019

Светските новински агенции, јавувајќи за денешниот втор круг од претседателските избори, наведуваат дека главно прашање е дали ќе биде постигнат цензусот на излезност на гласачите.

„Граѓаните на Северна Македонија избираат нов претседател во вториот круг гласање во кое домираат поделби околу промената на името договорено со Грција со цел да се отвори патот на земјата кон НАТО и Еверопската унија“.

Ова го јавува новинската агенција Ројтерс која, меѓу другото, наведува дека најголема загриженост претставува одѕивот.

Доколку тој биде под 40 насто изборите се прогласуваат за неуспешни и во таков случај претседателот на парламентот станува привремен претседател и се организираат нови избори.

Новинската агенција Асошитед прес пак, наведува дека гласачите во „ново преименуваната Северна Македонија избираат нов претседател во тесна трка во која би можело етничкото албанско малцинство да одигра голема улога“.

Потсетувајќи дека претседателот главно има церемонијална функција со право на вето на закони, и Асошиетед прес наведува дека клучна точка на загриженост е одѕивот.

„Граѓаните на Северна Македонија се вратија на избирачките места за вториот круг од претседателските избори кои можат да и донесат главоболка на владејачката партија“, јавува новинската агенција Франс прес, оценувајќи дека слабиот одѕив во првиот круг јасно покажа дека овие избори немале голем интерес кај гласачите.

Германската ДПА пак, во врска со вториот круг од претседателските избори најмногу се осврнува врз кандидатите и нивните ставови во врска со Договорот од Преспа.