Граѓаните имаат можност својот глас да го дадат на еден од двајцата кандидати. Под реден број два е Гордана Сиљановска, која е кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, а под реден број три е кандидатот на СДСМ и на владината коалиција, Стево Пендаровски. По гласањето во првиот круг од трката испадна Блерим Река кој беше под реден број еден на гласачкото ливче. Во првиот круг со тесно водство победи Пендаровски освојувајќи 42, 81 отсто од гласовите, а Сиљановска освои 42, 25 отсто, Река освои 10, 60проценти, а 4, 34 отсто од гласачките ливчиња беа неважечки.
Видете и ова: Пендаровски и Сиљановска-Давкова во фото финишОти во првиот круг никој од кандидатите не освои потребно мнозинство од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови, се одржува втор круг. Во него победник е оној што добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи. Доколку и во вториот круг ниту еден од кандидатите не го добил потребниот број гласови, се повторува целата изборна постапка, согласно Изборниот законик. Ако нема цензус од 40 отсто, тогаш според Уставот, функцијата претседател на државата ќе ја врши претседателот на Собранието Талат Џафери.
Претседателските избори се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и Град Скопје, а вчера се гласаше и на 32 избирачки места во странство. Право на глас имаат 1.808.131 граѓанин. Гласањето почна во седум и ќе трае до 19 часот, до кога трае и изборниот молк.
Изборите ги следат 3.381 домашни и 520 странски набљудувачи, како и 289 преведувачи и 60 странски новинари акредитирани од ДИК.
Од домашните најголем број набљудувачи има МОСТ, потоа Здружението за афирмација на хумани вредности младинска нтеграција МАК-СОНЦЕ Скопје и Здружението на граѓани за развој и промоција на туризмот, одржлив развој и човекови права АКСИОС 2017 Скопје.
Од странските, најголем број набљудувачи има Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР 195, потоа Светски македонски конгрес Скопје, Амбасадата на САД , Делегацијата на ЕУ , Делегација на ПС на СЕ.
Набљудувачи имаат акредитирано и повеќе амбасади на странски земји, како амбасадите на Руската Федерација, Франција, Велика Британија, Шведска, Унгарија, Италија, Албанија.
Доколку избирачот сака да пријави неправилности, тоа може да го стори кај овластенит енабљудувачи, потоа во канцелариите на ДИК, на нивната интерент страница, а тука се и канцелариите на Народниот правобранител и нивната бесплатната телефонска линија 0800-54321.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Правила на гласање
Доколку се доцнело со почеток на гласањето, гласањето продолжува за онолку време колку што задоцнило. Гласачките места иако се затвараат во 19 часот, на оние гласачи кои се затекнале на местото на гласањето ќе им биде овозможено да си го остварат своето право на глас.
Избирачкиот одбор може да го затвори гласачкото место и пред истекот на рокот, по претходна согласност од надлежната општинска изборна комисија, ако гласале сите избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список, но не започнува со броење на гласовите пред 19 часот. Ако гласањето е прекинато подолго од 1 час, гласањето ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од 3 часа.
Заедно со претседателските се одржуваат и локални избори во општините Ново Село и Охрид за избор на нови градоначалници, каде има привремени вршители на функцијата. Во првиот круг се гласаше и за градоначалник на Дебар, но таму беше избран. Во Ново Село причината за избор на нов градоначалник е апсењето на Боро Стојчев, а во Дебар и Охрид причина е ненадејната смрт на градоначалниците Ружди Љата и Јован Стојаноски.
Вчера, пак се гласаше на 32 гласачки места во дипломатските конзуларни претставништва каде гласаа граѓаните од дијаспората. За гласање беа пријавени 1.782 гласачи. Истиот ден гласаа и болните и немоќни лица, како и затвореници сместени во затвор или куќен притвор ираселени лица кои се пријавиле во ДИК за гласање.
Претседателска историја
Според Уставот, претседателскиот кандидат треба да има над 40 години и да биде жител на државата најмалку 10 од последните 15 години. Еден мандат на претседателот трае 5 години. Првиот претседател од независноста на Македонија беше Киро Глигоров, потоа Борис Трајковски, по нив следеше Бранко Црвенковски, и претседателот во заминување Ѓорге Иванов.
Досега се одржани пет непосредни избори за претседател на Република Македонија, во 1994, 1999, 2004, 2009 и 2014 година. Првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров во првиот мандат не беше избран на непосредни избори, туку од Собранието на 27 јануари 1991 година, согласно тогашните уставни решенија. Во 1994 Глигоров победи на изборите против Љубиша Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Вторите претседателски избори во Македонија беа одржани на 31 октомври и 14 ноември 1999 година. На овие избори учествуваа шест кандидати, Борис Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ, Тито Петковски од СДСМ, Муарем Неџипи, Васил Тупурковски, Мухамед Халили и Стојан Андов. Во вториот круг влегоа Трајковски и Петковски, а победник на изборите беше Трајковски. СДСМ не ги призна резултатите од вториот круг, обвини за изборни нерегуларности и го оспори легитимитетот на Трајковски. ОБСЕ ги оцени изборите како задоволителни, со забележани неправилности во западна Македонија и во околината на Скопје. Борис Трајковски ја извршуваше функцијата до 26 февруари 2004 година, кога загина во авионска несреќа кај Мостар.
По смртта на претседателот Трајковски, Собранието на Република Македонија ги закажа третите вонредни претседателски избори во Македонија. Првиот круг се одржа на 14-ти, а вториот круг на 28 април 2004 година. Кандидати во првиот круг беа Бранко Црвенковски од СДСМ, Сашко Кедев од ВМРО-ДПМНЕ, Гзим Острени од ДУИ и Зуди Џелили од ДПА. Во вториот круг се пласираа Црвенковски и Кедев. За трет претседател на Македонија беше избран Бранко Црвенковски. ВМРО-ДПМНЕ побара поништување на изборите, обвини за изборен фалсификат и го оспори легитимитетот на Црвенковски.
Четвртите претседателски избори во Македонија беа одржани на 22 март и 5 април 2009. Учествуваа седум кандидати. Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, Љубомир Фрчкоски од Социјалдемократски сојуз на Македонија, Имер Селмани од Нова Демократија, Љубе Бошкоски како независен, Агрон Буџаку од Демократска унија за интеграција, Нано Ружин од Либерално демократска партија и Мируше Хоџа од Демократска партија на Албанците. За претседател беше избран Ѓорге Иванов. Иванов победи и на изборите во 2014 против Стево Пендаровски. Мандатот на Иванов истекува на 12 мај.
Првите изборни од изборите се очекуваатдо полноќ, а конечните ДИК треба да ги соопшти 24 часа по затворањето на избирачките места.