ДКСК констатира непотизам при вработувања, но не може да постапува

Членови на Државната комисија за спречување на корупција

Државната комисија за спречување корупција по направена анализа на 10 предмети за постапка за вработување од 2004 до 2019 година на денешната седница констатира елементи за непотизам или влијание при вработувањето на блиски лица. ДКСК соопшти дека по предметите нема надлежност и можности да покренува постапка, но ќе бара измени во Законот за работни односи затоа што генерира непотизам, како и исклучување на Агенциите за привремени вработувања во јавниот сектор, како еден од вентилите, како што посочија, за згрижување блиски лица.

На седницата се наведоа вработувањата во АЕК и во Т-Мобиле на ќерките на поранешната претседателка на Уставниот суд Елена Гошева. Вработувањата во АЕК на сопругата на поранешниот генерален секретар во Владата, Кирил Божиновски, како и на сестрата на поранешниот амбасадор Андреј Лепавцов. Во ЦУК е вработен таткото на Игор Јанушев. Во ЈП Водовод и канализација Скопје е вработена братучетка на Антонио Милошоски, а во Централниот регистар бил вработен и неговиот братучед Станко Коруноски. Братот на Анастасија Илиевска, која во 2008 година била советник за безбедност во Кабинетот на Претседателот се вработил во Централниот регистар во Прилеп. За едно вработување во МВР, ДКСК очекува дополнителни информации.

ДКСК претходно ги одби петте приговори поднесени од генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, како партија, учесник/организатор на изборна кампања. Приговорите беа против Јавното комунално претпријатие Гази Баба и против градоначалниците наГази Баба, Шуто Оризари, Кисела Вода и на Град Скопје.