„Зголемувањето на платите е процес и јас очекувам во иднина оваа спирала на пораст на платите уште повеќе да се интензивира. Веруваме дека мај, јуни ќе ги искористиме за од 1 јули да ја зголемиме минималната плата на 13.000 денари“, најави денеска премиерот Зоран Заев.
Тој истакна дека на редовната седница на Економско – социјалниот совет со синдикатите и работодавачите адресирале важни прашања за унапредување на работничките права и условите за работа и за работниците и за компаниите.
„Во тек се консултации со сите засегнати страни да го изнајдеме најсоодветниот модел. Дијалогот продолжува и верувам дека ќе изнајдеме алатки и начини кадешто сите чинители ќе бидат задоволни со ваквите чекори“ рече Заев.
Премиерот додаде дека според податоците како резултат на зголемување на минималната плата, просечната плата се зголемила за 6.6 % во фебруари 2019, споредено со август 2017, пред покачувањето на минималната плата.
Премиерот најави дека во подготовка е новиот Закон за работните односи и додаде дека било разговарано за можноста за намалување на вкупното времетраење на договорот на определено време при трансформација во договор за трајно вработување, при што, како што рече, ќе се имаат во предвид и барањата на работодавачите, со цел да се постигне консензус и заеднички договор.