Од Министерството за труд и социјална политика реагираат дека кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова, како што пишуваат, дрско ги злоупотребила децата и младинците без родители и родителска грижа во СОС Детско село. Сиљановска денеска подготвуваше оброци за децата од СОС Детско село, манипулирајќи ја јавноста дека се загрозени и дека им е неопходна храната, пишува во соопштението од Министерството за труд.
Министерството за труд и социјална политика ја информира јавноста дека СОС Детско село е приватна установа којашто згрижува деца без родители и родителска грижа врз основа на Управен договор склучен со државата, а трошокот за секое дете на месечно ниво го покрива надлежниот Центар за социјални работи и истиот изнесува 18.000 денари, стои во соопштението.
Претходно претседателската кандидатка со неколку активисти во изборниот штаб спакуваа оброци за децата од СОС Детско село. Таа рече дека ова што сега е инцидент може да стане пракса на претседателскиот кабинет да подготвува храна за оние на кои им е најпотребна.