Француската амбасада во Скопје денеска ја објави Стратегијата на Франција за Западен Балкан, по вчерашниот самит во Берлин. Во Стратегијата се наведува дека регионот бележи значителен напредок од почетокот на 2000-тите и крајот на вооружените конфликти, но бројни реформи се потребни за да се овозможи регионот трајно да се стабилизира и да одговори на предизвиците со кои се соочува.
Предизвиците кои остануваат се политичките нерешени спорови, иако, како што се наведува Преспанскиот договор претставува значаен напредок и пример за регионален дијалог. Пото економските и социјални прашања, тешкотии при трајното воспоставување на владеењето на правото, безбедносни прашања, како и надворешни влијанија кои го пренасочуваат регионот од својата европска перспектива.
„Стратегијата на Франција за Западен Балкан има за цел да ја поддржи и да ја надополни акцијата на ЕУ за поддршка на приближувањето на регионот кон Европа. Таа, исто така, ги надополнува активностите што се преземаат како дел од Берлинскиот процес, во кој Франција учествува од неговото основање и делумно ќе се спроведува во француско-германска рамка“, се наведува во документот.
Самитот со западнобалканските држави се одржа на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларката Ангела Меркел, на кој присуствуваше и високата претставничка на Европската унија Федерика Могерини.