Претседателката на Сојузот на стопански комори (ССК), Данела Арсовска порача дека сериозен проблем ќе биде ако претставници на приватниот сектор не бидат консултирани при носењето на подзаконската регулатива за јавните набавки што се очекува до крајот на септември годинава.
Таа во писмена изјава до медиумите, потенцира дека неопходно е во соработка со стопанството прецизно да се одреди начинот на реализација на изборот на најповолна понуда. Квалитетот, кој треба да биде основен критериум за јавните набавки, како што наведува Арсовска, во моментот е еден од најголемите предизвици во постапките.
„Можностите за корупција поради вклученост на големи финансиски средства и директен контакт меѓу јавниот и приватен сектор се големи, а потребно е да се вложат сите напори тоа да се елиминира. Слабостите кои деловната заедница ги детектираше и кои се потенцијална опасност за нетранспарентна постапка со цел склучување коруптивни зделки при јавните набавки се уште постојат, бидејќи не беа интегрирани клучните барања на приватниот сектор во Законот за јавни набавки кој сега во својата нова форма повторно има значителни недостатоци“, истакнува Арсовска во изјавата.