Косовскиот претседател Хашим Тачи оцени дека Европската унија е „премногу слаба“ за да ги реши разликите помеѓу Србија и Косово и побара вклучување на САД во разговорите меѓу Белград и Приштина. Тачи по состанокот со шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, во Берлин прецизира дека „никакви разговори или договори не се можни без учество на Соединетите држави“. Во Берлин вчера германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон имаа состанок со претседателите на Србија и на Косово Александар Вучиќ и Хашим Тачи со цел рестартирање на разговорите меѓу двете страни, откако разговорите со посредство на ЕУ беа стопирани поради наводите за размена на територии меѓу двете земји и данокот од 100 насто наметнат од Косово за увоз на српски производи. Договорено е тие повторно да се сретнат во Париз во јули годинава.