Засаден чинар во Дебар маало во чест на Горан Стефановски

Со изложба на фотографии, интервјуа и видео предавања, пред општина Центар се одбележа роденденот на Горан Стефановски. Прославата на животот на еден од најистакнатите македонски драмски писатели на едно место собра голем број почитувачи на неговото животно дело. Токму овој настан беше карактеризирано како негово духовно враќање дома со симболично засадување на чинар спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“ во скопско Дебар маало.

Настанот беше инициран од неговото семејство, МАНУ и општина Центар. Локацијата беше избрана бидејќи Дебар Маало беше духовно, животно и книжевно врзано за него.

„Прославата на животот на Стефановски е предвидена како мал увид во неговиот личен, семеен и творечки живот. Јавноста го знае како познатиот драмски писател, есеист и мудрец, кој низ град одеше пеш со насмеано лице, но ова ќе биде можност неговата фамилија и блиски пријатели да ја претстават неговата друга страна, како татко, сопруг, дедо и фанатик на „Битлси“, преку проекција на фотографии од неговото најрано детство до крајот на животот, проекции на видеоинтервјуа, говори и кратки семинари водени од него, видеа и фотографии од претстави по неговите текстови, во соработка со Драмскиот театар и ФДУ, соопштија организаторите на настанот.

Стефановски почина лани во ноември во Кентербери, Велика Британија каде живееше повеќе од две децении.