Мојот и ставот на ДУИ за Исламската верска заедница (ИВЗ) е дека беше скандалозен и срамен чин на упад врз автономијата на уставно загарантираната автономија на верските заедници, во овој случај на ИВЗ, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Според него државата треба да ги преземе сите мерки да ја гарантира независноста и автономијата на верските заедници, вклучувајќи ја и ИВЗ.
Проблемот во ИВЗ ескалира вчера попладне кога со одлука на судот за нов поглавар на ИВЗ беше назначен Скендер Бузаку, кој најави дека од денеска го презема раководењето со верската заедница. Тој притоа напомена дека ја повикал финансиската полиција да ги детектира неправилностите во работата на раководните тела на ИВЗ.
На тоа реагираше Ријасетот на ИВЗ и лично реисот Реџепи, обвинувајќи ги Комисијата за верски заедници и владата за грубо мешање во нивната работа. Од владата и од комисијата негираа какво било мешање во случувањата во ИВЗ.