Северна Македонија е секуларна држава и Владата не се меша во работата на верските заедници, изјави денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски во врска со вчерашните превирања во Исламската верска заедница.
Во врска со обвинувањата на реисот Сулејман Реџепи упатени кон Владата, Бошњаковски истакна дека Владата осудува говор на омраза, како и секогаш досега и додаде дека институциите што се вклучени во одредени проблематики што се случуваат во ИВЗ ќе го дадат и својот збор во дадено време.
Предмалку и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи остро демантираше каква било нивна вмешаност во последните случувања и превирања во Исламската верска заедница (ИВЗ), за што синоќа беше обвинета од реис ул улемата на ИВР Сулејман Реџепи.
Во синоќешниот настап, по одржаната вонредна седница на Ријасетот на ИВЗ, Реџепи во дел од својата изјава ги обвини директорот на Комисијата за односи со верските заедници и владата дека се вмешани во последните случувања во Исламската верска заедница.
Пробемот ескалира вчера попладне кога со одлука на судот за нов поглавар на ИВЗ беше назначен Скендер Бузаку, кој најави дека од денеска го презема раководењето со верската заедница и дополни дека тој ја има повикано финансиксата полиција да ги детектира неправилностите во работата на раковдните тела на ИВЗ. На тоа реагираше Ријасетот на ИВЗ и лично реисот Реџепи, обвинувајќи ги Комисијата за верски заедници и владата за грубо мешање во нивната работа.