Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против жител на село Пелинце, Општина Старо Нагоричане, поради постоење сомнение дека сторил кривичното дело – ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.
Како што соопшти Јавното обвинителство, осомничениот делото го сторил на 21 април годинава преку социјалната мрежа Фејсбук. Тогаш осомничениот објавил текст во кој дал поддршка на кривичното дело сторено од негов близок роднина во кое животот го загуби полициски службеник, а беа повредени уште четири лица. Во објавениот текст, осомничениот повикал на насилство кон оштетените од сообраќајната несреќа.
Надлежен јавен обвинител од ОЈО Куманово до судијата на претходна постапка на Основниот суд Куманово доставил и предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот, што судот ги прифатил, па на осомничениот му е одземена патната исправа и му е зададена обврска да се јавува еднаш неделно на службено лице во судот. Во неделата еден полицаец загина, а еден полициски приправник беше тешко повреден откако во нив, на патот Куманово - Свети Николе, удри возило управувано од С.Ј. (40).