Судот ја исклучи јавноста од судењето за набавката на опрема за следење на комуникациите за потребите на Петтата управа при УБК поради сослушување на сведок, кој во периодот за кој треба да сведочи бил вработен како самостоен инженер во УБК.
Случајот го води судијката Женета Бегтовиќ и се наоѓа во доказна постапка. На почетокот на денешното рочиште јавниот обвинител Артан Ајро, побара поради истите причини како и со претходните двајца сведоци, јавноста да биде исклучена, имајќи ги предвид работните задачи кои ги извршувал сведокот и опасноста од издавање на деловна тајна.
Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски. Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.