Бесир Беља и Скендер Демири добија по 19 години затвор за убиството на 20-годишниот Никола Саздовски -Саздо кој беше претепан лани по што почина. Пресудата на обвинетите денеска во Кривичниот суд им ја изрече судијката Даниела Алексовска-Стојановска, која рече дека се виновни затоа што заеднички на свиреп начин го лишиле од живот Саздовски. Обвинителот предложи притворот да им се продолжи поради опасност од бегство, а адвокатот на Беља, Николче Наумов побара да се замени со куќен притвор.
Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда. Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Двајца од напаѓачите, Беља и Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за трето осомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница. Основното јавно обвинителство за смртта на Саздовски тројцата осомничени лица ги гони за кривично дело „убиство на свиреп начин“, дело кое пред преквалификацијата се водеше како „насилство“.