Косово: вратените лица од Сирија чекаат слобода

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Косовските повратници од Сирија во карантин

Хидајете Делија повторно се виде со нејзината сестра која шест години мина со исламистичките милитанти во Сирија. Таа беше во групата која деновиве е вратена на Косово со помош на Соединетите држави.

Хидајете чекаше со часови пред прифатилиштето за повратници и азиланти во Вранидол во близина на главниот град Приштина, пред да ѝ биде дозволено да се сретне со нејзината 23-годишна сестра Дафина.

Таа вели дека Дафина била „измамена“ да замине за Сирија каде што се омажила.

„Кога имаше 17 години, сестра ми беше измамена. Отиде таму. Има ќерка и син. Таа се врати. Ние сме многу среќни. Не знам како да ја опишам ваквата среќа. Таа се врати. Не знам“.

Дафина се врати на Косово придружувана од нејзините две деца. Нејзиниот маж бил убиен во Сирија, вели Хидајете:

„Не, не знам. Не знам повеќе за него. Знам дека тој беше убиен, не знам ништо друго“.

Многу други семејства чекаа надвор пред прифатлиштето за повторно да се сретнат со своите најблиски.

Во изминатиот викенд 110 лица од Косово, со помош на Соединетите држави, беа вратени од Сирија.

Во оваа група имало и четворица таканаречени странски борци во Сирија, 32 жени и 74 деца.

Во почетокот, според косовските власти, повеќе од 400 Косовари им се приклучиле на екстремистичките групи во Сирија и Ирак.

Тоа, како што се наведува, било прекинато во полседниве три години кога не бил забележан ниту еден случај на заминување на боиштата во Сирија.

Косовските обвинители досега за вакви дела покренаа обвинувања против 119 лица.

Извори од Обвинителството за приштинските медиуми изјавија дека станува збор за „лица кои претставуваат висок степен на опасност“ и по кои уште пред неколку години била распишана потерница.

Инаку, според косовски оперативни сознанија, во зоните на конфликтот во Сирија и натаму се наоѓаат уште 30 борци, 49 жени и осум деца од Косово, за чие враќање косовските надлежни служби продолжуваат да работат во тесна соработка со САД и другите меѓународни партнери од антитерористичката коалиција.