Претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, ден по првиот круг гласање кој му донесе водство од околу 4 600 гласа пред кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска-Давкова, рече дека очекува убедлива и недвосмислена победа во вториот круг.
“Ги разбирам и граѓаните кои решија да не излезат на гласање и на тој начин да ја упатат пораката. Тоа е нивно право и верувам дека пораката од страна на политичарите е примена”, рече Пендаровски.
Тој додаде дека не е изненаден од ваквиот резултат кој претходно го покажале и испитувањата на јавното мислење.
“Ова е кампања за претседателски избори, меѓутоа и партиските лидери беа инволвирани и на моменти тоа можеше да прозвучи и како кампања за парламентарни избори и никој не може да исклучи дека кога одам јас да зборувам за надлежностите на претседателот, дека граѓанинот во глава, како претставник на оваа владејачката гарнитура, не гледа и некои други работи кои на локално ниво не се завршени, некои ветувања од социоекономската сфера кои не се реализирани и мислам дека сето тоа имаше влијание”, рече Пендаровски.
Тој им се обрати на граѓаните што гласале за Блерим Река во првиот круг и ги повика да гласаат за него, а не даде конкретна оценка за ангажманот на владиниот коалициски партнер ДУИ, кој беше критикуван во дел од јавноста како недоволно ангажиран.
“Не можам да видам индикатор, барем до сега, дека некој од нив седел дома и не работел”, рече Пендаровски.