Локални избори- Ново Село и Охрид во втор круг, Дебар избра градоначалник

Архивска фотографија- гласање на претседателските и предвремените локални избори во три општини ,21.04.2019

Неважечките 103 ливчиња се причина да нема избор на градоначалник на Општина Ново Село на вчерашните предвремени избори. Имено, кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Николчо Стоилков добил 2.753 гласови, а за кандидатот на СДСМ, Никола Андонов гласале 2.693 избирачи. Според претседателката на Општинската изборна комисија, Венера Шопова, кандидатот Стоилков не ги добил потребните 50 проценти плус еден гласови за победа во првиот круг поради неважечките ливчиња и затоа на 5 мај ќе се одржи втор изборен круг.

Во Охрид, пак, според официјалните податоци што ги објави Државната изборна комисија идниот градоначалник ќе се бира во вториот круг од изборите закажан за 5 мај. Според податоците ниту еден од петтемина кандидати не ги има добиено потребните 50 отсто плус еден глас од излезените гласачи на изборите така што во вториот круг ќе одат двајцата кандидати со освоени најголем број гласови, а тоа се кандидатот на СДСМ Константин Георгиески и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Митре Милошевски. Кандидатот на СДСМ Георгиески вчера ја добил поддршката на 13.037 граѓани, пред противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ со освоени 10.614 гласа.

Дебар е единствената од трите општини каде што се гласаше која доби градоначалник во првиот круг. Таму кандидатот на ДУИ Хекуран Дука освои 50,9 отсто од гласовите, односно 4106, додека неговиот противкандидат Арбен Аголи од Алијанса за Албанците освои 46,77 отсто од гласовите, односно 3834 гласа.