Ваши коментари - Кој последен слави, најјако слави

Само во Македонија слават победа и едните и другите, гласи еден од коментарите од читателите на РСЕ, по објавите за резултатите од првиот круг од претседателските избори.

Тесна трка со слаб одѕив – оценуваат светските агенции за првиот круг од претседателските избори, и мала излезност, мирни избори, сите прогласија победа – јавува РСЕ. На ФБ страницата на Радиово стотици постови и коментари од приврзаниците на двајцата кандидати кои останаа во трката за вториот круг на 5 мај. И вообичаено има непримерен, примитивен јазик, а видливата поделба меѓу граѓаните исполнета со омраза што ја искажуваат и во коментарите продолжува.

Изјавата на Гордана Сиљановска -Давкова дека нејзините и гласовите што ги освои третиот кандидат Блерим Река се 70 илјади гласови во корист на опозицијата, Марјан Јовчев ја коментира со прашање: „Ами ако тие 70 илјади гласаат за Стево? Не треси глупости, ова се претседателски избори“. Илми Мустафа потсетува: „А со кого, со Зијадин Села што сакавте да го убиете?“, па додава: „Никој од етничките Албанци не сме гласале за ВМРО“. Виктор Делевски коментира: „Се шлепа на Река, еееј!“

Видете и ова: Слабиот одѕив фрла сенка и врз вториот круг од изборите

РСЕ на македонски во живо го следеше првиот круг од претседателските избори, од седиштата на опозициската и на владејачката партија. Климе Горгиев постирал: „ВМРО-ДПМНЕ било и ќе биде, секој Македонец е ВМРО-ДПМНЕ, значи ако не си, не си ни Македонец“. Љубица Митилова извикува „Само напред!“, а Гардијан Емин потсетува: „Чекај, бе, има и втор круг. Кај брзаш, полека...“ Бобан Неделковски ја коментира изјавата на генералниот секретар на опозициската партија, Игор Јанушев, кој ги набројуваше општините во кои нивниот кандидат освоил победа: „Ова не се локални избори па по општини да набројувате“. Столе Соколовски потсетува: „Истите финти како паторот што правеше“. Кире Велјановски е убеден дека ќе победи Стево Пендаровски. „Ама“, вели „овој народ сè уште гласа за криминално здружение ДПМНЕ, не е за развој и напредок, толку слепци после толку години, чудо!“ И Бранка Новоселска се чини дека заборава дека има и втор круг, па коментира: „Фалш победа“. Драган Атанасовски напишал: „Кој последен слави, најјако слави“, а Ванчо Коде ја констатира вистинската состојба: „Само во Македонија слават победа и едните и другите!“