Кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, рече дека добил поддршка од мнозинството граѓани во првиот круг од претседателските избори. Мнозинската поддршка е од граѓани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи и сите други, рече тој, додавајќи дека концептот „Заедно напред“ ќе победи и во вториот круг на претседателските избори на 5 мај.
„Концептот напред ќе победи, затоа што назад не е опција“, рече тој.
Пендаровски ги повика гласачите на кандидатот на Алијансата за Албанците, Блерим Река, на неодлучните, но и на тие кои гласале за кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска – Давкова, а кои знаат кој е исправниот избор, да гласаат за него.
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев рече дека по пребројани 98,27 отсто од гласовите, Пендаровски освоил околу 321 илјада, а Сиљановска – Давкова над 316 илјади гласови, односно дека Пендаровски води со 4300 гласа.
Тој се надева дека Пендаровски во вториот круг ќе добие уште поголема поддршка. Заев рече дека ако изгубат со само еден глас разлика, ќе има предвремени парламентарни избори.