Кандидатот за претседател поддржан од Алијанса за Албанците и Беса Блерим Река ги оцени како фер и демократски изборите, но посочи изборите покажаа дека немаме ажуриран избирачки список и дека иселувањето од земјава влијаело негативно на изборите односно на ниската излезност.
„Ние се уште немаме реален список, реално имаме само еден ипол милион граѓани, тоа е реалност и затоа немаше доволно излезеност на изборите. Ние сме задоволни од гласањето, особено во општините со албанско население, а исто и во македонските општини. Со над 50 000 гласови, очекуваме дека ќе стигнеме и до 80 000 гласови и тоа е одличен резултат. Но, не важна бројката туку поддршката. Ова најавува една нова политичка пролет која ќе се цементира во идните претседателски избори. Кога рековме дека нема да тргуваме со гласачите, така и се случи, тоа се нивни гласови и ние не тргуваме со гласовите на граѓаните“, рече Река на прес конференција.
Лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села изјави дека поддршката на ДУИ кај Албанците е ослабена и дека очекува наскоро да има предвремени избори.
„Господинот премиер треба да се држи до неговиот збор, бидејќи вети дека ако изгуби само со еден глас, тој ќе прогласи предвремени парламентарни избори, ќе ги почекаме конечните резултати од денешното гласање, па ќе го држиме за збор,“ изјави Села на заедничката прес конференција.