Шефот на изборниот штаб на СДСМ, Александар Кирацовски изјави дека првиот изборен круг од претседателските избори бил кристално чист како што доликува на идна земја членка на НАТО и на ЕУ. Според него, граѓаните своето гласачко право го искористиле на мирен, демократски и достоинствен начин.
„Република Северна Македонија спроведе мирни, фер и демократски избори. Институциите со сите свои капацитети овозможија изборите да поминат во најдобар ред, што е многу важно за нас како држава којашто за многу скоро ќе ги отпочне преговорите со ЕУ. Им благодарам на граѓаните коишто во многу голем број го искористија своето избирачко право и кои со своето однесување придонесоа да имаме исклучително успешен изборен ден. Очекуваме првите неофицијални резултат за победник во првиот круг од претседателските избори да го прогласат Стево Пендаровски“, рече Кирацовски.
Според информациите, кои ги добил од ДИК, Кирацовски рече дека излезноста е над 42 проценти. Тој порача дека немало инциденти за време на гласањето и изрази надеж дека во иста атмосфера ќе помине и вториот круг, закажан за 5 мај.