Во најзападниот регион од нашава земја – општините Дебар, Центар Жупа и Маврово – Ростуше, на гласачките места може да се видат и значаен број на печалбари кои се на работа во земји од ЕУ. Според туристичките агенции во Дебар, тие во родниот крај се пристигнати пред два дена и во најголем број се од Италија. Во разговорот што го имавме со неколку печалбари бевме информирани дека нивниот престој во родниот крај е поради празниците за Католичкиот Велигден, но и поради интересот за гласање.
„Ни се даде можност да бидеме слободни, а ние искористуваме и прилика да гласаме за идниот претседател на државата“, вели еден жител од Центар Жупа.
Инаку излезеноста на гласање во Општина Дебар до 13 часот беше 18 отсто, односно помалку во споредба со изминатите гласања. Слична е состојбата со малиот одзив на гласање во општините Центар Жупа и Маврово - Ростуше. Така, според Ерхан Зубер, претседател на ОИК Центар Жупа, до 13 часот излезеноста била само 10 отсто, додека во општина Маврово – Ростуше, според секретарот на ОИК, Букурие Бекири, одѕивот е 16 отсто.