Лидер на една маргинална политичка партија, во изборен молк, повикува на бојкот, вработен во МРТВ, вработени во администрацијата и активисти на политички партии и низа други, агресивно го кршат изборниот молк. Кршењето на изборниот молк е придружено со говор на омраза и лажни вести и забележан е на социјалните медиуми, особено на Фејсбук страници на одделни формални и неформални политички групации, рекоа на нивната прва прес конференција од движењето ЦИВИЛ, кое ги следи претседателските избори.
„Од петокот на полноќ кога стапи во сила изборниот молк, до почетокот на гласањето денеска во 7 часот наутро, ЦИВИЛ бележи преку 40 случаи на кршење на изборниот молк. Дел од интернет порталите, исто така, не се придржуваат кон изборниот молк и објавуваат манипулативни содржини и текстови што ги содржат имињата на политичките партии и нивните кандидати за претседател“, рече Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
Набљудувачите на ЦИВИЛ јавуваат дека избирачките места се отворени на време, со исклучок на едно доцнење од 15 минути.