Изборите ги следат над 3.500 набљудувачи и 13 странски новинари

Претседателски избори во Северна Македонија 2019

Гласањето на претседателски избори во Северна Македонија ќе го следат 3.094 домашни и 419 странски набљудувачи. Најмногу домашни набљудувачи ќе има невладината МОСТ - 1940. Здружението за афирмација на хумани вредности и младинска интеграција „Мак-сонце“ има 583 набљудувачи, а Здружението на граѓани за развој и промоција на туризмот, одржлив развој и човекови права „Аксиос“ има 329 набљудувачи.

Здружение на граѓани ЦИВИЛ – Центар за слобода Скопје има 160 набљудувачи, Светскиот македонски конгрес има 59 набљудувачи, а кумановското здружение „Инклузива” е со 44 набљудувачи, од кои 40 се лица со попреченост.

ОБСЕ/ОДИХР има пријавено 195 набљудувачи и 187 преведувачи. Парламентарното собрание на ОБСЕ ќе има двајца свои набљудувачи, а Парламентарното собрание на Советот на Европа 12. Од амбасадите најмногу акредитирани набљудувачи има американската амбасада-42 и 63 преведувачи, руската амбасада има четворица набњудувачи, а унгарската младинска политичка организација „Фиделитас“ шест набљудувачи. За следење на изборите се акредитирани 13 странски новинари.